- aitekka
- Posts
- #19 Каде и како да учиш AI
#19 Каде и како да учиш AI
Практични AI алатки, совети и инспирации

Размислување+ инспирација + забава = денешното AI мени:
Зошто не треба да се плашиш од грешки со AI
Што ни е целта?
Еден промпт што можеш да го пробаш веднаш
Каде и како да учиш AI
Предизвик за тебе
Запознај го нашиот AI асистент
Малку полабаво - Филмски реплики со AI
На прагот на 1500тиот читател на нашиот билтен и гледајќи како интересот за AI расте, сакавме да споделиме размислувањa и искуствa со вас. | ![]() |
Иако AI е на секој чекор, сепак не сите се решаваат така лесно да ja користат.
Најголемиот проблем кај корисниците е стравот дека ќе ‘згрешат нешто’.
Како да го разбиеме тој страв?
Прво, дури и креаторите на AI моделите признаваат: прават грешки.
Експерти објавуваат ставови кои после 3 дена веќе не важат.
Стартапи излегуваат нон стоп, некои не успеваат, но луѓето не се откажуваат - корегираат или пробуваат со нова идеја.
Развојот на вештачката интелигенција е толку брз што сосема прифатливо е да се греши и во од да се корегираат грешките, наместо да чекаш совршен производ.
Бидејќи AI не е еден единствен готов продукт, никој не може да тврди дека целосно го совладал. Тоа е цел универзум што се менува секојдневно. Само 2-3 дена да не си онлајн, ќе се шокираш колку нови работи излегле.
Што ни е целта?
Да ве охрабриме дека треба да се впуштите во истражување и учење, а ние да споделиме сѐ што ќе најдеме за AI со вас.
Како се снаоѓаме ние?
Често во разговор со пријатели дознаваме за предизвиците со кои се соочуваат. Или ќе добиеме порака/мејл со барање, прашање од вас. Седнуваме, смислуваме промпт за проблемот, го пробуваме неколку пати во ChatGPT и Gemini, да видиме каков резултат ќе добиеме, и го финализираме.
Исто и со готови промптови онлајн. Кога ќе наидеме на нешто за кое сметаме дека може да биде од корист, го преведуваме на македонски, го адаптираме и повторно пробуваме во ChatGPT, менувајќи го текстот (зборот) по потреба, додека не добиеме посакуван резултат.
ТОГАШ ГО СПОДЕЛУВАМЕ ПРОМПТОТ СО ВАС
Апликациите што ги споделуваме со вас се тие што сме ги пробале, или ќе слушнеме за некоја од пријателите/читателите што им била од помош. Тогаш ја пробуваме, бараме туторијали, мислења, искуства, и ако сметаме дека е добра ја споделуваме со вас.
Значи инспирација сте ни вие и луѓето околу нас, со кои го делиме секојдневието.
Во дискусиите често нè прашуваат „Што ќе ми е AI?”, „Како ќе ми помогне AI?“ A ние им предлагаме одма да отворат ChatGPT и да ги постават прашањата.
Еве и еден промпт ако не сте сигурни за AI, видете што ќе ви предложи ChatGPT:
Замисли дека сум човек без техничко предзнаење, но љубопитен за вештачка интелигенција. Кажи ми на едноставен и јасен начин:
1. Што би можел јас лично да правам со вештачка интелигенција во секојдневниот живот или работа?
2. Зошто вреди да посветам време за да научам како функционира и како се користи?
3. Кои се 3 конкретни примери за тоа како би ми ја олеснила работата, учењето или личниот развој?
Каде и како да учиш AI?
👉 Ако немаш проблем со јазикот, YouTube е првата алатка која треба максимално да ја искористиш. Ќе најдеш видеа за туторијали на сите можни алатки и апликации. Секогаш кога не си сигурен за некоја апликација, одма можеш да побараш други мислења и критики на YouTube. Или кога сакаш да научиш како да ја користиш, ќе најдеш едноставни видеа за почетници, но и напредни AI концепти. Дури и да не разбереш сѐ на англиски, во едно од нашите изданија (#13) ти презентиравме алатка како да ископираш транскрипт од YouTube и веднаш да си го преработиш на македонски во ChatGPT .
👉 Потоа, влези во неколку АI групи на пр.на Facebook, или заследи креатори на Instagram. Секојдневно се споделуваат промптови, алатки и апликации. Пробувај ги нивните промптови и туторијали и експериментирај.
👉 Ако си подготвен да навлезеш подлабоко во темата, вреди да ги разгледаш и курсевите што ги нудат академиите Семос и Brainster .
Тие редовно организираат практични обуки и специјализирани програми за различни вештини поврзани со вештачка интелигенција и технологија.
👉 А минатата година кога почнавме да истражуваме за AI во Македонија, бевме пријатно изненадени кога наидовме на сајтот на Институтот за родови студии при УКИМ. Во време кога речиси никој не зборуваше за вештачка интелигенција кај нас, тие веќе имаа собрани алатки, совети и водичи за почетници. И постојано ја обновуваат содржината. Слободно проверете сами:
👉 Секако тука ти се и онлајн курсевите на Coursera, Udemy и Edx, каде можеш самостојно да научиш вештини поврзани со AI, со темпо што тебе ти одговара.
А зошто сѐ ова да го правиш? Не од страв дека ќе изгубиш работа, туку од желба дека ќе научиш нешто ново и возбудливо и ќе можеш да направиш нешто што до вчера не си го ни замислувал. Ако до вчера си мислел дека можеш да правиш само една работа, ако ти било криво зошто порано не си се стекнал со некоја вештина, сега го имаш целото знаење на дланка, во многу случаи и бесплатно.
Немој да мислиш дека сите други знаат многу повеќе од тебе. Не се плаши да пишуваш со AI затоа што другите ќе приметеле дека е AI. Кога излезе spellchecker, не рековме „Аа не, јас сам ќе си ги проверувам зборовите“, туку инстант сите го прифативме како дел од пишувањето (банален пример но важи за сите технологии – откако ќе ги прифатиме, ни стануваат нормални.). Се разбира, секогаш прочитај што ти дава AI, адаптирај го на својот стил, провери ја веродостојноста! Секогаш проверувај ги информациите од AI. ( а дадовме примери како во #10)
Но, она што нас ни помогна и ти го препорачуваме:
Не чекај да најдеш време,
Пробувај, учи од грешките,
Прашувај, дискутирај и споделувај!
И НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ!
ТЕ ПРЕДИЗВИКУВАМЕ : научи нова вештина или алатка и пиши ни за искуството, сподели туторијал или промпт, и стани дел од некое следно издание на Aitekka.
КАЈ СМЕ ВЕ ОСТАВИЛЕ БЕЗ ПРЕДЛОГ ИЛИ ИДЕЈА 😁
ПРЕДЛОГ БР 1:
Го тестираме Aitekka ботот – вашиот нов дигитален асистент 🎉
Развиен од проф. Боби Бадаревски, овој бот е трениран врз сите досегашни изданија на билтенот и ќе ви помогне да го најдете токму она што ви треба, без да пребарувате рачно, а ќе ви даде и дополнителна помош.
ПРЕДЛОГ БР 2:
ПРОБАЈТЕ НЕШТО И ЗА ЗАБАВА
Сакате филмски реплики?
💬 Напишете било која фраза – и гледајте ја сцената во која е изговорена!
PlayPhrase.me е апликација која ви вади реплики од филмови според вашето пребарување. Може бесплатно да се проба.
🧪 Пробај: “I’ll be back”, “You can't handle the truth”, “How you doin’?”
👉 www.playphrase.me
Остави ни коментар - како се снаоѓаш со AI, дали некој курс ти помогнал, што те спречува или мотивира да користиш AI?
Се читаме наскоро со нови идеи.
Тимот на aitekka
Reply