This website uses cookies

Read our Privacy policy and Terms of use for more information.

Во екот на собирањето и размената на сликички за Светско 2026, наидовме на многу добар локален пример за практична употреба на AI: мала апликација што им помага на собирачите полесно да најдат со кого можат да направат фер размена.

Апликацијата ја направи Славчо Спасеноски, инспириран од непрактичниот начин на мануелна споредба на дигитална листа со сликички за претстојното Светско првенство, за кое страствените собирачи на албуми мошне тешко ги споредуваа и наоѓаа сликичките кои им недостасуваат.

Го замоливме Славчо да ни ја претстави неговата апликација: што прави, како се користи, но и како е направена — за сите што сакаат да ѕирнат малку подлабоко и да видат како AI може да помогне една идеја брзо да се претвори во функционална алатка.

Sticker Exchange MK: апликација за полесна размена на сликички

Апликацијата е направена за луѓе што собираат сликички за Светско 2026 и сакаат полесно да најдат со кого можат да направат фер размена.

Наместо рачно да споредувате листи со други собирачи, Sticker Exchange MK ги споредува податоците автоматски.

Како да ја користите апликацијата?

  1. Во полето Nickname внесете име по кое ќе ве препознава апликацијата. Запомнете го, бидејќи со него подоцна ќе можете да ја ажурирате листата.

  2. Изберете град и област, а во полето Contact можете да оставите телефон, Instagram, Telegram, WhatsApp или друг контакт. Ова е опционално, но корисно ако сакате другите да ве најдат за размена.

    ❗️нема потреба од регистрација и не прибира никакви лични податоци

  3. Од апликацијата Sticker Album World Cup 2026 ископирајте ја share листата со дупликати и залепете ја во полето Duplicates.

  4. На ист начин ископирајте ја листата со сликички што ви недостасуваат и залепете ја во полето Missing.

  5. Кликнете Save / Update за да ја зачувате вашата листа.

  6. Во десниот дел, во полето Your ID or nickname, внесете го вашиот nickname или ID и кликнете Find my matches. Апликацијата ќе ви покаже со кого имате најдобра можност за фер размена.

Важно: Кога ќе направите размена, вратете се во апликацијата, кликнете Load by ID/Nickname, ажурирајте ја листата и повторно зачувајте. Така другите ќе гледаат точни информации и нема да ве контактираат без потреба.

Како функционира?

Во позадина, секој корисник внесува листа со дупликати и листа со сликички што му недостасуваат. Тие податоци се зачувуваат во табела, која служи како база на податоци.

Потоа апликацијата ги споредува листите меѓу корисниците. Бара ситуации каде што еден корисник има дупликати што му недостасуваат на друг, и обратно. Колку повеќе такви совпаѓања има, толку подобар е match-от.

Затоа апликацијата не прикажува случајни луѓе за размена, туку ги рангира потенцијалните разменувачи според тоа колку корисна би била размената за двете страни.

Целото решение е хостирано на Google сервисите, што го прави едноставно за користење и одржување.

Зошто овој пример е важен?

„Апликацијата ја направив безмалку за 10 минути, со неколку подобрувања од првичната верзија,“ вели Славчо.

Токму тоа ни беше интересно во приказната - мал, практичен пример за нешто што AI може да помогне да се направи многу побрзо.

Секако, идејата и логиката не дошле од никаде. Славчо, како дата инженер, веќе знаел како да го постави проблемот: има луѓе со дупликати, има луѓе на кои тие сликички им недостасуваат, и треба да се најде најдобро совпаѓање.

AI тука помага идејата побрзо да стане алатка.

И можеби тоа е најдобриот дел од примерот: не мора секогаш да се прави нешто големо. Понекогаш е доволно да се забележи мала досадна задача и да се праша: „Може ли ова да се автоматизира?“

Истата логика може да се користи и за други албуми, картички, колекционерски предмети, училишни материјали или ресурси во некоја заедница.

Благодарност до Славчо Спасеноски за споделената апликација и објаснувањето.

Ако и вие имате пример за мала апликација, автоматизација или AI експеримент што решава реален проблем, пишете ни. Ваквите приказни вреди да ги споделиме.

📝 Имаш нешто конкретно што ти се допадна или недостасуваше?
После гласањето, слободно напиши краток коментар!

Се читаме наскоро,

Тимот на aitekka

Reply

Avatar

or to participate

Keep Reading